Битолските социјалдемократи почнаа со повидливи партиски активности по изборот на новиот претседател на општинската организација, Зоран Стојчевски. Вечерва Форумот на жени на СДСМ Битола одржал трибина насловена „Невидливи, а незаменливи!“ на која се обратил и новоназначениот претседател Стојчевски, а присуствувал и членот на ИО на СДСМ, Драган Крајовски. Меѓу присутните на трибината се и противкандидатите на Стојчевски кои исто така претендираа за претседателското место, Јане Велкоски и Ѓорги Ѓоргиевски, што остава впечаток на поддршка.

Инаку она што следува е комплетирање на раководството на Општинската организација на СДСМ Битола, па добро упатени извори велат дека има повеќе заинтересирани за местото секретар на општинската и организациски секретар, како и за учество во највисокото партиско тело Извршниот одбор.
Во игра се неколку имиња, а ако продолжи „традицијата“ што досега се практикувала во Битола, не е исклучено за секретар на Општинската да биде избрана и жена социјалдемократ докажана со своите активности во време на опозиција.
Она што според сопартијците треба да го направи новиот претседател Стојчевски е да ги обедини фракциите кои во изминатиот период покажаа поинакви погледи од политиките кои на локално ниво ги водеше општинската организација, вклучително и до претпоследниот претседател Методија Куновски.
Дека работите во Битола се придвижуваат е и најавата за посета на лидерот на СДСМ Венко Филипче овој петок во Битола. Доаѓањето на Филипче само една недела по изборот на Стојчевски за претседател за многумина социјалдемократи е сигнал дека Битола е исклучително важна за лидерот, а уште поважно е обединувањето и функционирањето на силна опозиција во градот на конзулите.

Инаку како што објавија од Општинската организација на трибината -„се отвори дискусијата за реалноста со која секојдневно се соочуваат жените вработени во угостителството – нивниот начин на живот, предизвиците на работното место, дискриминацијата, како и односот на гостите кон нив. Оваа трибина испрати јасна порака: трудот на овие жени мора да биде препознаен, ценет и заштитен.“



Анета Блажевска



